Либија тоне во хаос и насилство

Од:

Над Триполи веќе со денови лебдат црни облаци од пожар кој изби во магацин за гориво. Но, тоа не е единствен и најголем проблем. Либија тоне во хаос, а ако наскоро ништо не се промени, на оваа земја и се заканува распад.

Пожарникарските служби се презафатени. Состојбата е многу опасна – стои во соопштението на владата која истовремено предупредува на можност од настанување на хуманитарна и еколошка катастрофа, ако експлодираат магацините за нафта со околу 90 милиони литри нафта и еден магацин со гас. Власта поради тоа побара помош и од пожарникари од странство и нареди евакуација на населението.

Овие магацини со гориво се наоѓаат на пат кој води до меѓународниот аеродром. Судрените единици на полицијата веќе две недели водат жестоки борби токму за контрола над аеродромот. Според наводите на владата, до сега во судирите настрадале околу 100 лица. Наспроти големиот пожар, нивните борби не престануваат. Како тука, насилства во меѓувреме владејат и во други делови на Либија. Само во градот Бенгази на истокот на земјата, минатиот викенд во судирите меѓу владините трупи и исламската полиција животот го загубија 28 лица.

Персоналот на амбасадите моментално во Тунис

Со оглед на жестоките судири и хаотичната состојба, се повеќе земји ги повлекуваат своите граѓани од Либија. – Состојбата во Либија е екстремно непрегледна и несигурна – стои во соопштението на германското Министерство за надворешни работи. – Токму германските државјани се изложени на зголемена опасност од киднапери и напади – велат во Министерството во Берлин. Слични предупредувања пратија и владите на САД, Велика Британија, Франција и Италија. Бидејќи странците во земјата, поради вооружените судири не можат да ја напуштат од аердромот во Триполи, тие од земјата се обидуваат да излезат по друг пат; преку патишта во насока на Тунис или пак од воениот аеродром Митиге.

Во меѓувреме се евакуирани и многу амбасадори. Во понеделникот на сигурно место беа префрлени сите вработени во германската амбасада. Само амбасадата не е затворена и продолжува со работа во регионот. Автомобилскиот конвој на британската амбасада овие денови веќе беше нападнат со огнено оружје. Амбасадата на САД исто така го евакуираше својот персонал уште минатиот викенд. Тие сега се наоѓаат во Тунис. Американскиот портпарол за надворешни работи Јен Псаки ги негира наводите дека повлекувањето на персоналот на амбасадата уште повеќе може да ја отежне состојбата во Либија. – Иако нашиот персонал не е во земјата, ние во секој случај и понатаму ќе пружаме поддршка и помош на либијската влада – рече Псаки.

Државата пред распад

Андреас Дитман, експерт за Либија на универзитетот во Гиебен, на состојбата гледа со мал оптимизам. – Повлекувањето на дипломатиите покажува дека Западот повеќе нема никакви надежи по прашањето на некој позитивен развој во земјата. Либија се наоѓа на пат во хаос. Државата повеќе не може да одржи внатрешен и надворешен мир и територијален интегритет. Моменталната состојба покажува до која мера оваа земја е слаба. Либија како држава се наоѓа пред директен распад – вели Дитман.

ОН и НАТО во текот на 2011 година ја поддржуваа либијската опозиција во нејзината борба против Муамер Гадафи. Но, од неговото рушење од власта Либија се повеќе и повеќе беше препуштена сама на себе – критикува Робин Рајт од Тинк Тенк Вилсон Центарот од Вашингтон. – Последиците се фатални. Во меѓувреме централната влада до таа мера се распадна што повеќе не е во состојба да го контролира ни аеродромот во Триполи, а не пак остатокот од земјата – вели тој.

– Западните земји направија многу грешки. Одлуките кои ги донесоа по прашањето за повторна изградба на Либија, не се спроведени. Шансата во Либија да се изгради демократија е пропуштена – вели Андреас Дитман. Насилството во Либија ексалираше иако постои можност за промена на власта по најновите парламентарни избори на 25 јули. Резултатите од овие избори сеуште не се официјално познати, исламистите се плашат дека можат да го изгубат своето влијание во Парламентот. Поради тоа тие се обидуваат, пред објавувањето на официјалните резултати, поразот кој е на повидок воено да го компензираат.

Мировни сили за Либија

Еден од најголемите проблеми во Либија е токму влијанието на разни и многубројни вооружени групи. По рушењето на Гадафи од власта, всушност сите требаа да го предадат оружјето, но како што вели Дитман, ова разоружување на широките народни маси никогаш не беше спроведено. Тој додава дека во Либија моќ и влијание се обезбедува со оружје и насилство.

Значи, што да се прави? Според ставот на германскиот експерт, всушност постои само еден начин како да се смири состојбата во Либија, а тоа е разоружување на судрените полиции. Но, тоа пак може да се случи само со помош од надвор. Претседателот на преодната либијска влада во таа смисла неодамна во Њујорк побара доаѓање на Сините шлемови во неговата земја. Тоа моментално е прилично невозможно. Како прво, многу е проблематично дали воопшто моментално постојат земји кои би биле подготвени да испратат свои трупи во либискиот хаос, а како второ, за доаѓање на Сините шлемови треба да се согласи и Русија; а тоа пак со оглед на кризата во Украина моментално навистина не може да се очекува од Русија.

Дојче веле – Бон

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Драматичнa ситуација во Дерна: Илјадници трупови се распаѓаат под урнатините

На плажа во либискиот град Дерна пронајдени се 400 тела

(ВИДЕО) Морето исфрла тела на жртви од Дерна стотици километри подалеку

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Се стравува дека во Либија загинале 20.000 луѓе: „Бранот од седум метри урна згради во морето“

Уништените брани кои ја предизвикаа катастрофата во Либија ги изградија југословенски компании

(ВИДЕО) Либија: Морето постојано исфрла десетици тела

Горан Наумовски