Либија ослободи синоќа деветмина турски државјани, кои беа задржани од војници во источниот либиски град Бенгази, соопшти либиската Влада.
Во соопштението се наведува дека тие биле предадени на претставник на Анкара во градот Бајда во присуство на владини официјални лица и претставници на либиската армија и на Обединетите нации.
Турските државјани беа задржани од војници на поранешниот генерал Халифа Хафтар, кој почна во мај воена операција против исламистичките милиции во Бенгази. Хафтар ја обвинува Турција дека го поддржува исламистичкото движење во Либија.
Портпаролот на Хафтар изјави дека „армијата ги ослободила турските граѓани, кои биле заробени пред две недели во близина на регионот на судирите во Бенгази, откако се уверила дека тие не се вмешани“.