Пратениците на либанскиот Парламент го продолжија денеска сопствениот мандат до 2017 година, наведувајќи ја како причина влошената безбедносна ситуација во земјата.
Пратениците со големо мнозинство изгласале да го продолжат својот мандат за уште две години и седум месеци и по вторпат да ги одложат парламентарните избори, кои требаше да се одржат во јуни 2013 година.
Од 97 присутни пратеници, 95 гласале за законот.
Патријархот на Маронитската црква во Либан, Бешар ал-Рај продолжувањето на пратеничките мандати го нарече „нелегитимно и неуставно“.
Шефицата на делегацијата на ЕУ во Либан, Ангелина Ајхорст напиша на Твитер дека „денеска е тажен ден за уставната историја на земјата“.
Центарот на Бејрут, каде што се наоѓа Парламентот, денеска бил блокиран од безбедносните сили поради протести.