Либанскиот премиер Саад Харири денеска ненадејно соопшти дека поднесува оставка на функцијата и при тоа ги обвини шиитското движење Хезболах и неговиот сојузник Иран дека се обидуваат „да го присвојат” Либан.
– Поднесувам оставка од премиерската функција, изјави Харири, кој се наоѓа во Саудиска Арабија, во обраќање емитувано на саудиската сателитска телевизија „Ал Арабија”.
Харири го обвини Техеран за мешање во односите меѓу арапските држави, апелирајќи при тоа за, како што рече, „укинување на иранското оружје“ во регионот на Блискиот Исток.
Тој оцени дека сегашната политичка клима во Либан потсетува на онаа од времето кога беше убиен неговиот татко Рафик Харири и дека се плаши оти постои и заговор и за негово убиство.
– Живееме во опкружување кое е слично на атмосферата која владееше пред убиството на Рафик Харири. Почувствував што ми се подготвува, изјави Харири во телевизиското обраќање.
Таткото на Саад Харири, Рефик Харири, кој беше премиер на Либан во два наврати, од 1992 до 1998 и од 2000 до 2004 година, беше убиен во февруари 2005 година при самоубиствен бомбашки напад во хотел во Бејрут.