Светот ја губи битката против ширењето на епидемијата од ебола во Западна Африка, предупреди претседателката на „Лекари без граница“, Џоан Лиу.
– По шест месеци по најтешката епидемија од ебола во историјата, светот ја губи битката за нејзино совладување. Лиредите не успеваат да ја спречат оваа меѓународна закана, истакна Лиу во своето обраќање во седиштето на ОН во Њујорк.
Според неа, „соопштението на СЗО од 8 август дека епидемијата е итен проблем за светското јавно здравство, не било проследено со решителни мерки. Државите заеднички се задоволија да се присоединат кон коалиција на недејствување“.
Лиу ја повика меѓународната заедница да финансира повеќе кревети за создавање на мрежа од мобилни болници, испраќање на квалификуван медицински персонал и поставување на подвижни лаборатории во Гвинеја, Сиера Леоне и Либерија.
Смртоносниот вирус, против кој нема лек или вакцина, досега ги однесе животите на 1.550 лица, од регистрирани 3.069 случаи на заболување, според податоците на СЗО. Светската организација соопшти дека при сегашното темпо на заразување ќе бидат потребни од шест до девет месеци и најмалку 490 милиони долари за спречување на епидемијата, која може да зарази 20.000 лица.