Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска оцени дека може да се создадат услови за преговори за безбедност и стратешка стабилност меѓу Русија и САД и дека почнува чекор кон нормализирање на односите со Вашингтон.
„Што се однесува до разговорите за безбедноста, за стратешката стабилност, се надеваме дека ќе се создадат услови за тоа. Засега, како што покажаа вчерашните разговори, почнува движење кон нормализација на односите во сите области“, рече Лавров на „Владиниот час“ во Државната Дума, при што зборуваше за резултатите од средбата со американската делегација во Ријад.
Според него, во најмала рака постои декларирана подготвеност за тој чекор.
„И да се реши не само украинската криза, туку да се создадат услови за обновување и проширување на партнерството во трговската, економската и геополитичката сфера меѓу Руската Федерација и САД“, нагласи шефот на руската дипломатија, пренесува Тас.
Лавров истакна дека Москва сака да создаде услови за обновување и проширување на партнерството со Вашингтон и се надева дека ќе се создадат услови за преговори за безбедност и стратешка стабилност.
„По средбата во Ријад, Русија и САД почнаа да се повлекуваат од работ на колапс во односите. Неопходно е да се исчисти наследството на (поранешниот американски претседател Џозеф) Бајден за да се создадат услови за градење партнерства во трговијата и политиката“, рече рускиот министер.
Како што оцени, националните интереси на Русија и на САД никогаш нема целосно да се поклопат, но кога ќе се совпаднат, наведе, тоа ќе биде во нивна заедничка корист.
„Националните интереси никогаш нема целосно да се поклопат, тие главно се разминуваат во одредени области кои се важни за секоја земја, но онаму каде што се совпаѓаат мора да направиме се за да извлечеме максимална взаемна корист од тоа“, рече Лавров.
Тој рече дека американскиот државен секретар Марко Рубио за време на преговорите со Русија нагласил дека тимот на американскиот претседател Доналд Трамп „размислува поинаку“ и ги признава националните интереси на земјите.
„Ова е навистина тим кој размислува поинаку, размислувајќи првенствено во однос на американските интереси, како што тие ги разбираат тие интереси, се разбира.
Тој наведе дека Москва го повика Вашингтон да ги елиминира заканите за безбедноста на Русија кои со години се создаваат со ангажманот на Киев во НАТО, истакнувајќи дека „американскиот претседател ја разбира оваа позиција“.
„Неопходно е да се запре потиснувањето на сè во Украина што е поврзано со Русија, да се запре прогонот на руската култура и на Украинската православна црква“, нагласи Лавров, истакнувајќи дека Москва е загрижена поради подемот на неонацизмот во Украина, ЕУ и Канада.
Руско-американските разговори на високо ниво завршија во вторник во Ријад по 4,5 часа.
На средбата присуствуваа Лавров и помошникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков. Вашингтон беше претставен од државниот секретар Марко Рубио, советникот за национална безбедност Мајк Волц и специјалниот пратеник за Блискиот Исток Стивен Виткоф.