Австрискиот канцелар Себастијан Курц денес одговораше на прашања од парламентарната комисија за истраги на корупцијата, таканаречениот „Комитет Ибица“.
Истражниот комитет беше формиран во мај минатата година откако се појавија видеата на поранешниот лидер на Слободарската партија (ФПО) Хајнц-Кристијан Штрахе, кој во 2017 година во Ибица, на роднина на руски милијардер ѝ ветувал државни бизниси за донација на неговата партија, заобиколувајќи ги контролните инстанци.
Членовите на одборот побараа од Курц да им ги предаде својот календар и пораките од мобилниот телефон, што ги разменувал со Штрахе.
Курц го одби барањето, кажувајќи дека сите релевантни документи од својот прв канцеларски мандат му ги предал на државниот архив, како што бил должен според законите, а дека календарот е нешто што не припаѓа на таа обврска.
Откако се појавија видеата, Штрахе поднесе оставка од позицијата вицеканцелар и шеф на ФПО, а по само неколку дена „падна“ и заедничката влада со Народната партија на Курц (ОВП).
Курц пред Комитетот денеска кажа дека неговата партија не прима никакви донации од одредени кругови, вклучително и компании што се занимваата со игри на среќа, како „Новоматик“, на пример. Тој, исто така, рече дека назначувањата на лица на одредени позиции во компании и институции биле направени во согласност со важечките правила.
„Јас не ги измислив овие правила. Се разбира, тие имаат свои слабости, но ние не знаеме подобро,“ рече Курц.