Австрискиот канцелар Себастијан Курц на Форумот ЕУ-Африка што се одржува во Виена изјави дека Унијата не смее африканскиот континент да им го препушти на Кинезите.
Како што најави, Форумот треба да поттикне промена на парадигмата со цел покрај класичната развојна помош, повеќе внимание да се посвети на економската соработка и инвестициите.
ЕУ, потсети Курц, е најголем донатор, затоа што во развојот на Африка помага со повеќе од 50 отсто од уделот во целата помош од светот.
– Во однос на инвестициите, тука има уште многу простор, констатира Курц.
Тој нагласи дека, поради предвидениот силен пораст на населението во Африка, се очекува до 2025 година на тој континент да живеат повеќе од две милијарди луѓе, постоји потреба од посилен економски раст, и оти со инвестиции треба да се создаваат можности за обука, како и работни места.
Форумот ЕУ – Африка е последната конференција во рамките на австриското претседателство со Европската унија.
Високи политички претставници на држави од африканскиот континент пристигнаа во Виена за да разговараат со колегите од земјите-членки на ЕУ за подобрување на економските односи меѓу двата континенти, посебно во областа на дигитализацијата и иновацијата.
На собирот учествуваат претставници на 25 африкански држави меѓу кои седум претседатели или шефови на влади, како и 13 шефови на држави и влади од ЕУ, и претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер.
Состанокот го отворија австрискиот канцелар Себастијан Курц чија земја до крајот на годината претседава со Европската унија, и претседателот на Руанда Пол Кагаме, актуелен претседавач со Африканската унија.
Форумот се одржува под засилени мерки за безбедност, а армијата засилено го надгледува воздушниот простор над Австрија при што се ангажирани 22 воени авиони и повеќе од 900 војници.