Курц: Австрија е пред вториот бран на пандемијата, воведуваме нови мерки

Од:

Австрискиот канцелар Себастијан Курц денеска истакна дека Австрија е на почетокот на вториот бран на епидемијата на коронавирусот, поради што Владата донела одлука за воведување дополнителни мерки, кои од понеделник ќе важат низ цела Австрија.

– Се соочуваме со експоненцијален раст. Сега мора да реагираме и да спречиме прекин на економскиот и социјалниот живот и да ги ублажиме негативните последици за економијата. Зголемениот број на новозаразени води кон предупредувања за патувања, а тоа е лошо за економскиот развој, бидејќи гастрономијата, туризмот, трговијата и други дејности се особено погодени, објасни Курц на прес-конференција.

Тој рече дека врз основа на искуството е утврдено дека до зараза доаѓа во затворен простор, пред сè при приватни контакти, односно на приватни прослави од секаков вид.

Затоа австриската Влада, како што објави, одлучи да воведе три конкретни нови мерки, кои ќе започнат да се применуваат од понеделник на полноќ.

– Како прво, социјалните контакти мора да се намалат. Одлучивме да го ограничиме на најмногу 10 лица бројот на присутни на сите приватни прослави во затворени простории. На отворено, бројот е ограничен на 100, објасни Курц.

Исклучоци се само погреби.

Што се однесува до професионално организирани големи настани, бројот останува непроменет од 1.500 во затворено и 3.000 на отворено.

Кога станува збор за гастрономијата, сè уште ќе важи дека потрошувачката е можна во затворен простор само на маса, со максимален број од 10 луѓе на една маса.

Понатамошна мерка е дека маска мора да се носи во трговијата, кај давателите на услуги, во црквите, јавниот превоз, институциите, но и на пазарите и саемите.

Во гастрономијата, покрај персоналот, гостите мора да носат маска при движење, односно при влегување или излегување од барот, сè додека не седнат на маса.

Угостителските објекти, според одлуката на Владата, можат да работат само до 1 часот после полноќ, дури и да се работи за „затворена“ забава, прослава, што многумина досега ја користеа за да ги избегнат ограничувањата.

Тој понатаму рече дека, поради тешката состојба во угостителската индустрија, одлучено е намалениот ДДВ да се продолжи на една година.

– Бараме од граѓаните да ги поддржат овие мерки со цел добро да го поминеме вториот бран. Изминатата пролет докажавме дека со дисциплина можеме да ја поминеме кризата подобро од другите земји. Наша желба и барање до граѓаните е да дадат свој придонес и да ги поддржат овие мерки, бидејќи тоа ќе помогне да се надмине вториот бран, потенцира Курц.

Министерот за здравство Рудолф Аншобер укажа на проблемот со растот на хоспитализирани пациенти со коронавирус, додавајќи дека трендот е загрижувачки.

Тој рече дека бројот на хоспитализирани пациенти се зголемил за четири пати, а бројот на пациенти на интензивна нега се зголемил за три пати, што, како што додаде, е алармантно.

Министерот за внатрешни работи Карл Нехамер рече дека е повторно потребен заеднички напор на сите граѓани во согласност со мерките.

Тој нагласи дека полицијата е подготвена да им помогне на здравствените власти да ги интензивираат контролите.

Нехамер најави дека полицијата, особено во ноќната гастрономија, ќе го контролира почитувањето на ограничувањата за работното време.

Сите оние кои не се придржуваат до мерките ќе бидат казнети парично со казна до 1.450 евра, рече тој.

Би можело да ве интересира

Фон дер Лајен: Европа има резерви на гас и покрај уцената на Путин

Русија ја прекина испораката на гас за Австрија поради спор околу плаќањето

Горан Наумовски

Пронајдено телото на двојниот убиец од Австрија по кого полицијата трагаше со денови

А1он

Пронајден е автомобилот на убиецот Роланд Дрекслер, полицијата интензивно трага по него

Австриската полиција трага по убиецот на градоначалникот на општина Кирхберг

Убиство во Австрија: Ловџија усмрти градоначалник