Дојче веле – Берлин
Вестите за смртта на Фидел Кастро често се ширеа низ светот, но сега е потврдено: Фидел Кастро, долгогодишен шеф на кубанската држава почина, оставајќи зад себе спорно наследство.
Кастро држеше говори кои можеа да траат повеќе часа. Се случуваше харизматичниот револуционер своите слушатели да „ги окупира” со петчасовни и седумчасовни настапи.
Неуморно го критикуваше заколнатиот непријател, САД.
– Јенките никогаш нема да се откажат од контролата на земјата, водите, рудниците и природните ресурси на нашата земја, напиша во 2012 година поранешниот шеф на државата, Владата, војската и партијата, единствена легална партија на Куба.
Фидел, како што го нарекуваат многу Кубанци, уште на млади години се посвети на социјализмот и цел живот се бореше за својата претстава за правдата и за кубанската независност. Ги мразеше индустриските нации со своето капиталистичко уредување.
Со своите социјалистички планови Кастро се повеќе го провоцираше гневот на САД, сојузници најде во „Источниот блок”, меѓу кои беше и Демократска Република Германија (ДДР).
Според наводите на Министерството за надворешни работи во Берлин, во Германија (пред се во поранешната ДДР), студирале и работеле, 30.000 Кубанци.
Советскиот Сојуз на Куба и помагаше прво финансиски, а во 1962 година Москва на островот стационира и ракети од среден дострел.
САД брзо реагираа, но т.н. „Кубанска криза” на крај сепак заврши без избувнување на нуклеарна војна, а истата година во сила стапи американското трговско ембарго против Куба и тоа до денес ги проблематизира односите на двете земји, но и стопанството на карипската држава.
По распаѓањето на Советскиот Сојуз економската состојба на Куба дополнително и видливо се влоши поради кубанската зависност од Москва.
Кастро од почетокот континуирано вложуваше во државниот систем на образованието и здравството. До денес тој е на глас како еден од најдобрите во регионот. Истовремено на Кубанците им ја скрати слободата на мислење и информирање, политичките противници ги праќаше во затвор, а со своите непријатели „бескомпромисно се пресметуваше”, како што вели поранешниот германски амбасадор на Куба Бернд Вулфен.
– Фидел Кастро ќе ни остане во сеќавање како човек кој прати во затвор стотици луѓе и тоа само поради нивните мирољубиви политички активности, вели Маја Либинг, од Амнести интернешенал. Поради политиката на Кастро, островот го напуштија неколку стотици илјади Кубанци.
За германскиот финансиски советник Ханс Олаф Хенкел, кој за својот општествен и економски ангажман доби многу одликувања, Фидел Кастро во 60-те години од минатиот век му бил пример, поради неговата храброст. – Ако тој станеше демократ, секаде во светот ќе му подигнуваа споменици, претпоставува Хенкел.
Кастро на власт беше 49 години, ниту еден монарх на 20 век не владеел толку долго како Кастро.