Кризата со еболата во Западна Африка најверојатно ќе трае уште цела една година, тврди водечкиот експерт-епидемиолог Питер Пиот, кој е заслужен за откриваање на овој смртоносен вирус.
Пиот, кој до неодамна престојуваше во Сиера Леоне, во Лондон изјави дека е охрабрен од напредокот што таму е постигнат, како и од ветувањата за новата антивирална терапија.
Тој сепак предупредува дека не треба да се заговара преголем оптимизам, затоа што ќе треба време за да се развие и унапреди вакцината.
Епидемијата на еболата, досега предизвика смрт на 7.300 лица во реонот на Западна Африка, што е најсмртоносна епидемија од овој вирус откако тој е откриен пред речиси 40 години. Најголемиот број од жртвите се во три држви од овој дел на Африка – Сиера Леоне, Либерија и Гвинеја.
Професорот Пиот, кој е еден од научниците кои го открија вирусот ебола во 1976 година, сега е директор на лондонската Школа за хигиена и тропска медицина.
Според неговото толкување, иако епидемијата веќе достигна врв во Либерија, а во наредните неколку недели тоа ќе се случи и во Сиера Леоне, таа може да продолжи да зема уште жртви и во Западна Африка да трае се до крајот на 2015 година.
Пиот смета дека здравствените власти треба и натаму да останат подготвени за долга борба со вирусот, која тој верува дека ќе се оддолжи уште цела една година.