Главниот уреедник на германскиот весник „Зидојче Цајтунг“, Волфганг Крах изјави дека редакцијата морала да ги објави „Панамските документи“ затоа што тие се од јавен интерес.
Во интервју за Си-Ен-Ен, Крах вели дека документите се добиени од анонимен извор, па дека според тоа, многу е веројатно оти се украдени и претставуваат тајна за адвокатската фирма што ги чувала, но потенцира дека редакцијата на весникот немала дилема околу тоа дали да се објават или да останат скриени.
Крах се согласува со конатстацијата дека во случајов е повредена приватноста на многу индивидуалци, но сепак вели дека во овој случај работите се поинакви.
Според него, потребата и интересот за откривање на нелегалното и криминалното однесување на многу луѓе, голем број од нив уште и познати на широката јавност, е многу посилна од приватниот карактер на провалените документи.
– Ова за нас и за целата поширока јавност е доказ. Досега се сомневавме дека постојат вакви работи и дека се прави се за да се плати помалку данок и да се сокрие потеклото на парите, но сега сите имаме доказ за едно илегално, а во некои случаи и криминално однесување, при одбегнувањето да се плати данокот, вели Крах во интервјуто за Си-Ен-Ен.
Тој нагласува дека единствената дилема била што да се прави со добиените повеќе од 11 милиони разни документи на панамската фирма „Мосак Фонсека“.
Главниот уредник Крах објаснува дека кога виделе за што станува збор и колкав е обемот на тајно добиените материјали, се одлучиле да ги поделат сознанијата со Меѓународниот конзорциум за истражувачко новинарство (ИЦИЈ), кој ги разделил за анализа и обработка на 107 медиумски организации во 76 земји.
Појавувањето на „Панамските документи“ во весникот „Зидојче Цајтунг„ и во другите новински и електронски изданија, предизвика бурна реакција во светот, особено во земјите чии политичари и јавни личности се наоѓаат во документите од кои се открива колку многу богати луѓе настојуваат да ги исперат парите, да го скријат богатството и да платат што е можно помалку или воопшто да не платат данок.
Истраги веќе се отворени во Велика Британија, Франција, САД и Шпанија, како и во Австралија, каде се тврди дека во документите има имиња на повеќе од 800 Австралијанци.
Русија и Украина ги отфрлија наводите за вмешаноста на тамошните политички лидери или ним блиските соработници и пријатели, додека во Кина и Саудиска Арабија владее медиумски молк околу целиот овој случај.