Корупцијата е широко распространета во Чешка и според последните меѓународните истражувања на Центарот „ЕЈ“ е поголема отколку во Италија, јави дописникот на МИА од Прага.
Речиси 70 проценти од Чесите, сметаат дека корупцијата во бизнис круговите е широко распространета појава и според меѓународниот преглед, од 59 земји, Чешка е на осмо место пред Италија.
Бројот на луѓе кои веруваат во спротивното во Италија е 20 проценти, а во Чешка само 16 проценти. На подолните места, се само Грција, земјите на Латинска Америка и африканските земји.
Најлоша перцепција за корупцијата има во Нигерија, Кенија и Јужна Африка, каде 80 проценти од населението сметаат дека корупцијата е широко распространета.
Во однос на таа појава, најдобри се резултатите во Данска, Финска и Австрија, каде што само два проценти од луѓето сметаат дека има корупција во бизнисот.
Од истражувањето произлегува дека Чешка е светски лидер во толеранцијата на надстандардните трошоци и давањето репрезентативни и лични подароци со цел да се добие некоја зделка.
Додека во Чешка, 63 проценти од менаџерите се подготвени на надстандардни трошоци за репрезентација, во светот на тоа се спремни 29 проценти, 30 посто во Западна Европа и во околните земји 31 процент.
За да добијат добра зделка, 37 проценти од чешките менаџери се подготвени да дадат личен подарок, додек во светски рамки таа бројка е 14 проценти.
Во смисла на финансиски подмитувања водат Грците со 58 проценти, додека Чесите со шест проценти се во втората половина на меѓународната скала.
Според експертите, под надстандардна служба може да се земе покана за играње голф во егзотичните краеви, конгрес-туризам и разни големи акции.