Американскиот државен секретар Хилари Клинтон во своето вчерашно обраќање пред институтот Брукингс во Вашингтон ја поддржа интеграцијата на балканските земји во Европската Унија и во НАТО, јави дописникот на МИА од Вашингтон.
– Продолжуваме да работиме заедно за работата која остана незавршена во самата Европа, како што се европското проширување и интеграциите, кои САД ги промовираат со децении. Со задоволство го очекуваме приемот на Хрватска во ЕУ следната година. Минатиот месец патував на Западниот Балкан со високиот претставник на ЕУ Ештон, каде ја изразивме нашата поддршка за аспирациите на луѓето таму да бидат интегрирани во Европа и во Евро-атланскиот сојуз. Го поддржуваме дијалогот меѓу Косово и Србија кој е во тек, под добрите услуги на Унијата. И се надеваме дека ќе видиме движење кон нормализирање на односите, изјави Клинтон, во делот на своето обраќање посветен на Балканот.
Таа, во забелешките за источна Европа, Балканот и Кавказот, оцени дека заедно со ЕУ мора да се продолжи поддршката за граѓанскиот сектор, демократските реформи и промовирање на толерацијата.
Во своето обраќање за партнерството на САД и на Европа, Клинтон наведе дека политиката на штедење во Европа го турка континентот во економска рецесија и рече дека дури и Германија и Франција се соочуваат со знаци на економско забавување. За Грција, Клинтон наведе дека грчката Влада донела важен чекор со донесувањето на буџет и пакет реформи кои бараат со себе повлекуваат болни одлуки.
– Важно е европските водачи да се насочат кон политики кои промовираат сигурен и одржан економски раст и отвораат работни места. И ние правиме тешки одлуки, но има многу што можеме да сториме заедно на економскиот фронт, како што е зајакнување на трансатланското трговско партнерство, изјави Клинтон.
Идејата за промовирање на заедничка трговска зона меѓу САД и ЕУа е еден од предлозите за излез од кризата, кој ги преокупира Вашингтон и Брисел во овој период.