Ќелија на Ал Каеда во Мали објави видео снимка со шестмина странски заложници – Австралиецот Артур Кенет Елиот (82), Французинката Софи Петронен, Јужноафриканецот Стивен Макгаун, Романецот Јулијан Гергут, грабнат во април 2015 година во Буркина Фасо, Швајцарската мисионерка Беатрис Стокли, грабната во јануари 2016 година од групата Ал Каеда во исламски Магреб, и Колумбијката Глорија Нарваес Арготи, грабната во февруари 2017 година во Мали.
Овие податоци ги изнесе американскиот сајт SITE, специјализиран за набљудување на џихадистичките и терористички групи.
Хирургот Артур Кенет Елиот и неговата сопруга Џослин Елиот беа киднапирани во Буркина Фасо во јануари 2015 година. Џослин Елиот беше ослободена во февруари 2016 година.
Заложниците беа претставени одделно од маж кој на крајот додаде дека досега немало „вистински преговори за нивно ослободување“, пренесоа француските медиуми.
Мажот на Французинката Софи Петронен изјави дека се надева дека францускиот претседател Емануел Макрон ќе и помогне.
Макрон ноќеска пристигна во Мали да ја поддржи борбата на земјите од групата Г-5 Сахел (Мавританија, Мали, Нигер, Буркина Фасо и Чад) против џихадистичките групи.
Во текот на 2012 гопдина во северниот дел на Мали се појавија џихадисти, поврзани со Ал Каеда. На крајот тие беа потиснати од регионот благодарение на странската воена интервенција, под команда на Франција, која трае и до денеска. Но, некои зони остануваат надвор од контрола на малиските и странските сили и таму периодично се изведуваат крвави напади и покрај потпишаниот мировен договор од мај-јуни 2015 година, потсетуваат француските медиуми.