Кина, Русија и Куба се дел од 12 држави кои добија место во Советот за човекови права на ОН, што го осуди американскиот државен секретар Мајк Помпео поради наводната историја на кршење на човековите права во тие земји. Саудиска Арабија не успеа да го обезбеди своето место во Советот, а таа одлука ја поздравија активисти за човекови права.
Русија и Куба обезбедија место во Советот за човекови права на ОН без никакви потешкотии, додека ситуацијата во случајот на Кина и Саудиска Арабија беше неизвесна.
На тајното гласање од 193 членови на Генералното собрание на ОН, Пакистан доби 169 гласа, Узбекистан 164, Непал 150, Кина 139, а Саудиска Арабија само 90 гласови.
Државниот секретар на САД, Мајк Помпео ги осуди денешните избори во Кина, Русија и Куба, како и минатогодишниот избор на Венецуела. Тој рече дека станува збор за држави со „одвратна историја на човекови права“ и дека таа одлука дополнително го оправдува повлекувањето на САД од ова тело, што го објави Вашингтон во 2018 година.
Тој рече дека САД ќе преземат свои активности за да ги казнат оние кои ги злоупотребуваат човековите права во кинеската провинција Синџијанг, Мјанмар, Иран и на други места. Минатата недела, коалиција на организации за човекови права од Европа, САД и Канада ги повика членовите на Генералното собрание на ОН да се спротивстават на изборот на Кина, Русија, Саудиска Арабија, Куба, Пакистан и Узбекистан, бидејќи нивната историја на ставови за човековите права ги прави неквалификувани за такво нешто.