Либискиот премиер Али Зејдан беше киднапиран рано изутринава во Триполи од вооружена група, за која се претпоставува дека е составена од поранешни бунтовници, и е одведен во непознат правец, соопшти либиската Влада.
Во соопштението се наведува дека Владата се сомнева во две групи, кои би можеле да стојат зад киднапирањето – „Домот на либиските револуционери“ и „Бригадата за борба против криминалот“, кои теоретски се одговорни пред министерствата за одбрана и за внатрешни работи.
Министерскиот совет одржува вонредна седница, со која раководи првиот вицепремиер Садил Абдел Рахман.
Владата соопшти дека во потрагата по премиерот се вклучиле највисоките либиски институции и ги повика граѓаните да останат мирни. Засега никој не презеде одговорноста за киднапирањето.
Зејдан беше киднапиран од хотелот „Коринтија“, каде се наоѓа неговата канцеларија. Телевизијата „Скај њуз – Арабија“ нагласува дека киднапирањето на премиерот веројатно е поврзано со акцијата на американските командоси во саботата во Триполи, во која беше уапсен еден од лидерите на Ал Каеда, Абу Анас ал Либи.