Белата куќа соопшти дека извештајот, кој го објави Си-Ен-Ен за упадот на руски хакери во чувствителни делови на нејзиниот компјутерски систем се однесува на инцидентот, кој се случил минатата година и со кој не биле засегнати доверливи информации. Белата куќа одби да коментира, кој е одговорен за тој пропуст.
– Овој извештај не се однесува на нов инцидент, тоа е шпекулација за активностите, кои Белата куќа ги обелодени лани, изјави нејзиниот портпарол Марк Стро.
– Каква било активност од тој вид ние ја сметаме за сериозна, а во овој случај веднаш презедовме мерки за да ја процениме и неутрализираме таа ситуација. Наш став е да не коментираме кои се извршителите на таквите активности, додаде тој.
Си-Ен-Ен јави дека упадите во компјутерскиот систем пристигнале од повеќе делови на светот, а хакерите ги прикриле своите траги.
Во меѓувреме весникот „Индепендент“ објави дека иследниците имаат сериозни траги дека руската Влада стои зад овие кибер напади.