Кери ја потврди поддршката на САД за Колумбија

Од:

Американскиот државен секретар Џон Кери изјави во Богота дека САД продолжуваат да ја поддржуваат колумбиската Влада, која од ноември минатата година почна мировни преговори со Револуционерните вооружени сили на Колумбија, (ФАРК), најголемата бунтовничка групација во земјата.

Кери се состана со претседателот на Колумбија Хуан Мануел Сантос и во таа прилика вети дека САД ги поддржуваат мировните преговори со ФАРК, чиј бунт трае речиси 50 години.

Во текот на првиот ден од посетата на Богота Кери ги поздрави „големите промени“ во оваа земја изминатите години и истакна дека Владата на американскиот претседател Барак Обама ќе продолжи да ја поддржува Колумбија „и откако ќе биде воспоставен мирот, со цел тој да може да се зацврсти“.

– Со години наназад ние бевме загрижени за безбедноста во земјата, а во моментов го поддржуваме мировниот процес на претседателот Хуан Мануел Сантос, додаде Кери, по средбата со колумбискиот министер за надвореши работи Марија Анхел Олгин.

Кери исто така се осврна и на случувањата на Блискиот Исток, при што изјави дека одлуката на Израел да одобри изградба на повеќе од илјада нови станбени единици за еврејските доселеници на Западниот Брег во извесна мера била очекувана и ги повика Израелците и Палестинците оваа недела да продолжат со мировните преговори.

– Мошне е важно што е можно побрзо да се седне на преговарачката маса и да се решат споровите за населбите и другите прашања, изјави Кери.

Првата посета на Кери на Јужна Америка се случува за време на разоткривањето на американското шпионирање, кое излезе на виделина откако поранешниот сорабиотник на ЦИА и НСА Едвард Сноуден откри детали од програмата за прислушување на Интернет и телефонската комуникација, која ја спроведуваат американските служби.

Латиноамериканските земји, а особено Бразил изразија загриженост поради американската програма за надгледување.

Кери изјави дека со Сантос само „кусо“ разговарал на оваа тема.

Би можело да ве интересира

Кремљ: Ударот со хиперсонични ракети е предупредување за Западот

Американската разузнавачка служба ги предупреди одбранбените компании за заканата од руска саботажа

Чувар на американската амбасада во Осло уапсен под обвинение за шпионажа

Горан Наумовски

Русија: Ја предупредивме Америка за нападот

Со проектили е погодена воена база на САД во Сирија

САД воведоа нови санкции против Русија