Канада ќе одговори веднаш и силно ако САД навистина воведат царини за увоз од Канада, рече премиерот на земјата Џастин Трудо, наведувајќи дека канадските граѓани „ќе се соочат со тешки времиња“.
„Подготвени сме да одговориме, намерно, силно, но разумно и итно. Тоа не е она што го сакаме, но ако го воведат, ќе одговориме на тоа“, рече Трудо, додавајќи дека „сите опции се на маса“, пренесува агенцијата Ројтерс.
Говорејќи пред советодавниот совет за односите меѓу Канада и Соединетите Американски Држави, тој истакна дека Канаѓаните се „анксиозни и загрижени“, но исто така нагласи дека владата „им го чува грбот“.
Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела објави дека САД ќе воведат царини од 25 отсто за Мексико и Канада, освен ако тие земји не помогнат во решавањето на трговијата со фентанил во САД и проблемот со имиграцијата, а вчера објави дека тарифите ќе стапат на сила во сабота.
Мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум претходно денеска изјави дека „ќе остане со ладна глава“ и ќе ја чека сабота, поточно наметнувањето на тарифите.