Камерон: Велика Британија ќе остане во ЕУ, ако Унијата се реформира

Од:

Велика Британија сака да остане во ЕУ, но во една реформирана Унија, изјави во Лондон британскиот премиер Дејвид Камерон во дебетата во британскиот Парламент, околу идните британско-европски односи.

Реакцијата на премиерот уследи по отвореното спротивставување на опозициските лабуристи на плановите на Камерон и на неговите конзервативци за нови преговори со Брисел околу британскиот статус во ЕУ.

Според лидерот на опозицијата, Ед Милибанд планот за нови преговори „не води никаде„ особено сега, кога стана јасно дека Германија е против ограничувањето на движењето на работната сила во рамките на Унијата, како и затоа што Камерон се уште не се изјаснува за тоа дали е подготвен да води кампања за напуштање на ЕУ, доколку не успее да го добие она што го бара од Брисел и од другите членки.

Британскиот премиер не одговори директно на предизвикот од опозицијата, освен што ја повтори повеќепати изнесената позиција дека Велика Британија сака да биде дел од ЕУ доколку бидат извршени „неопходните реформи“.

Камерон е во судир со Брисел и околу барањето на Европската Комисија, Велика Британија да плати дополнителни 1,676 милијрди фунти во заедничкиот европски буџет, до крајот на овој месец.

Владата во Лондон веќе соопшти дека нема да ги префрли овие пари, а Камерон порача дека не планира да го исполни поставениот рок.

Според портпаролот во Даунинг стрит 10, Лондон и Брисел водат преговори околу британското барање „за многу помал износ“ во обидот да се постигне некаков напредок, пред утрешната средба на европските министри за финансии.

Освен Велика Британија, дополнителни уплати во буџетот на ЕУ е побарано и од Холандија, Италија, Грција и Кипар. Станува збор за вообичаена постапка пред крајот на секоја година, кога се прави ребаланс на буџетот и се усогласуваат уплатите на секоја од земјите, според нивните економски параметри и постигнувања.

Британската влада се спротивставува на ваквата постапка, иако во Брисел велат дека Владата во Лондон знае за неа и дека била известена многу порано пред да се покрене нова антиевропска еуфорија во лондоските медиуми.

Претседателот на Еврокомисијата, Жан Клод Јункер одново го критикуваше Камерон за неговото однесување кон Брисел и ЕУ, тврдејќи дека британскиот премиер „има проблеми со другите политички лидери во ЕУ“ и порачувајќи оти „нема да прифати нефер и неоправдани“ критики.

Дејвид Камерон беше против изборот на Јункер за нов претседател на Европската комисија, а само унгарскиот премиер Виктор Орбан го поддржа при гласањето на европските лидери.

Би можело да ве интересира

Британците повеќе не ја сметаат Германија за сигурен сојузник

Велика Британија: Полицијата нуди 23.000 евра за помош за апсење на напаѓачот од Клепам

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Бурата Иша ја погоди Британија, откажани летови, илјадници домови без струја

Хорор во Англија: Пронајдени четири тела во куќа во Костеси

А1он

Ковачевски: Со законот за рестриктивни мерки ќе бидат опфатени наши ентитети, санкционирани од САД и Британија

А1он

Кое оружје го користеа САД и Велика Британија за да ги нападнат Хутите

А1он