Хина – Загреб
Речиси четири децении изминаа од последната посета на папата на Ирска. Оттогаш, многумина од таа традиционална католичка земја го напуштија учењето на црквата за жените, хомосексуалците и абортусот.
Папата Франциско, кој доаѓа во Ирска на 25 август на два дена, би можел да привлече значително помал број верници од Јован Павле Втори, на чија посета во 1979 година сведочеа повеќе од два милиони луѓе.
Тогаш, разводот и хомосексуалноста во Ирска беа нелегални.
Од тогаш, неколку случаи на свештеничка сексуална злоупотреба и нивно забошотување излегоа во јавноста. Јавноста, исто така, дозна и за децениите злоставување во злогласните пералници на Магдалена, црковни институции за превоспитување на девојки кои „застраниле“. Таму им ги одземаа децата, ги тераа на принудна работа и ги злоупотребуваа на други начини.
Иако Ирците и натаму најмногу се декларираат како католици, 78,3 проценти според пописот од 2016 година, тие во голема мера ја игнорираа црковна доктрина, па на референдумот во 2015 година дозволија истополови бракови, а оваа година изгласаа либерализација на законот за абортус.
500 илјади бесплатни билети
Организаторите на Светска средба на семејствата, кулминација на посетата на Франциско на Ирска, подготвија 500.000 бесплатни билети за мисата на 26 август во Феникс Парк во Даблин.
Се очекува, пред тоа, папата да привлече околу 45.000 посетители на Светилиштето Кнок во западна Ирска.
За двата настани билети веќе нема, иако некои велат дека многу се резервирани во знак на протест со цел на настанот папата да го пречекаат празни столици.
Еден демонстрант за „Ајриш тајмс“ изјави дека под име „Исус Христос“ резервирал речиси 800 билети.
Членовите на неговата Фејсбук група „Say Nope to the Pope“ (Кажи Не на папата) планираат протестен марш од даблинската О’Конел улица до Градината на сеќавањата, кој е посветен на „сите оние кои ги дадоа своите животи за слободна Ирска “.
Претседателот на Здружението на злоставуваните жртви One in Four (Еден од четворица), Колм О`Горман го повика народот да му се придружи во Градината на сеќавањата за време на мисата на папата во Даблин за да изразат солидарност со жртвите на свештеничкото злоставување.
Френциско доаѓа во Ирска во време на „поплава“ на нови случаи на сексуална злоупотреба кои биле извршени од страна на црковните достоинственици, најмногу во Австралија, Чиле и САД.
„Срам и очај”
Ватикан во четвртокот изрази „срам и очај”, по извештајот на поротата во судот во Пенсилванија, во кој, по име беа наведени 301 свештеник од таа држава како веродостоен обвинет злоставувач на деца.
По слетувањето во Ирска во сабота, Франциско ќе се сретне со претседателот на Ирска Мајкл Хигинс, со кого ќе има и приватна средба.
Потоа, во даблинскиот замок ќе се сретне со премиерот Леа Варадкар, хомосексуалец кој беше дел од успешната кампања за легализација на истополовите бракови и либерализација на абортусот.
Варадкар изјави пред ирските медиумите дека сака да го „насочи вниманието на вистинските грижи кои ги имаат Ирците за минатото“, со надеж дека со папата ќе разговараат и за свештеничка сексуална злоупотреба.
Франциско во Ирска ќе се сретне со жртви на злоставување, изјави портпаролот на Ватикан, Грег Берк, но се уште не се знае местото и времето на одржување на состанокот.
Папата има закажана посета и на центарот за бездомници, кој го водат капуцинери. Бездомништвото е еден од главните социјални проблеми на Ирска.
Потоа следува средба со семејствата на стадионот Крок Парк, каде што се очекуваат околу 70.000 посетители.
Во недела Франциско ќе оди прво во Кнок, а потоа ќе се врати во Даблин и ќе ја предводи мисата во паркот Феникс.
Со оглед на големите општествени промени и откриени свештенички злоставувања, сите ќе ја чекаат проповедта на Франциско, која ќе биде изречена од истото место каде пред четири децении, Јован Павле Втори. зборуваше за поинаква Ирска.