Либискиот премиер Ахмед Матик, кој беше избран на почетокот на минатиот месец и неговите министри синоќа презедоа контролира врз зградата на Владата во Триполи, каде одржаа и седница.
Владината зграда до синоќа беше по контрола на премиерот во оставка Абдулах ал Тани, кој одбиваше да ја предаде власта со барање суд да се изјасни дали изборот на Матик со поддршка на исламистите во Парламентот при немање кворум е легитимен.
Хаосот на политичката сцена на Либија стигна дотаму што во Триполи посебно заседеваа две влади, таа на Тани во владината зграда и таа на Матик во еден од луксузните хотели во главниот град.
Во меѓувреме медицински извори соопштија дека бројот на загинатите во судирите во либискиот град Бенгази вчера достигна 21 лица, а ранети се 67.
Во градот продолжуваат жестоки борби меѓу вооружените исламисти и силите, под команда на одметнатиот генерал Халифа Хафтер, кој пред две недели најави кампања за прочистување на земјата од исламистичките екстремисти.
Борби се водат и во градот Ал Марџ на исток од Бенгази, каде што се ранети 18 лица.
Три години по соборувањето на режимот на Моамер Гадафи Либија е во целосен хаос. Парламентот е блокиран и не може да усвои нов устав, а вооружени групи, кои учествуваат во бунот против Гадафи, одбиваат да го предадат оружјето.