Јужнокорејската претседателка Парк Геун Хе одби да се појави и да даде изјава пред Уставниот суд, каде денеска требаше да заочне разгледувањето на барањето за нејзин импичмент.
Судот, кој треба да решава дали Парк да биде сменета од претседателската должност, беше принуден да ја одложи расправата поради нејзиното отсуство.
Следното судско заседание е закажано за в четврток, за кога се очекува Парк повторно да не се појави, но претставник на Судот најави дека распрвата за нејзина смена ќе се одржи независно од нејзиното евентуално отсуство.
Парк е обвинета за корупција, злоупотреба на власта и кршење на Уставот во врска со скандалот поврзан со нејзината блиска пријателка Чое Сун-сил. Чое е обвинета дека вршела притисоци врз големи корпорации за прибирање донации за потребите на фондација која ги поддржувала активностите на претседателката Парк.
Минатиот месец јужнокорејскиот Парламент донесе одлука за смена на Парк од функцијата, но конечната одлука за нејзиното разрешување од должноста треба да ја донесе Уставниот суд.
Парк од своја страна ги отфрла обвинувањата против неа тврдејќи дека не сторила ништо противзаконски, но сепак и се извини на јавноста затоа што дозволила нејзината пријателка Чое да има „толкаво големо влијание во државата“.