Јужнокорејската опозиција и противници на разрешената претседателка на државата Парк Геун-хје денеска побараа таа да биде уапсена и изведена пред суд.
Уставниот суд на земјата вчера ја потврди одлуката на Парламентот на Јужна Кореја за смена на Парк, поради нејзината улога во корупциски скандал поврзан со нејзина блиска пријателка.
Парк и денеска остана во просториите на претседателската палата, од каде, како што е соопшено, нема да замине додека нејзниниот приватен стан не се уреди, но претседателскиот Кабинет информира дека таа повеќе нема да дава никакви соопштенија за јавноста.
Нејизните противници и денеска излегоа на улиците од Сеул, барајќи Парк да одговара за „криминалот што го направила“.
Протестираат и нејзните приврзаници, иако денеска во многу помал број од вчера, и натаму тврдејќи дека со нејзината смена од власта е „погазена демократијата во земјата“.
Полицијата во Сеул настојува да не дозволи да дојде до судир меѓу приврзаниците и противниците на Парк на улиците.
Во вчерашните немири по соопштувањето на одлуката на Уставниот суд, загинаа двајца демонстранти приврзаници на Парк, а уште едно лице починало од срцев удар, добиен од преголема возбуда поради судското решение.
Вонредните претседателски избори на кои треба да се избере наследникот на Парк треба да се одржат најдоцна до 9 мај.
Анкетите покажуваат дека најголема поддршка од 22 отсто има лидерот на опозициската Демократска партија Мун Џае-ин, а веднаш зад него е актуелниот премиер и вршител на должноста претседател, Хванг Кјо- ан, кој важи за сојузник на сменетата Парк.
Премиерот Хванг повика на смирување на страстите и порача дека Владата нема да дозволи ескалација на конфликтот.
Како главен виновник за целата политичка криза во земјата, се посочува бизнисменката Чои Сон-сил, блиска пријателка Парк, која ја искористила блискоста за да бара од државните компании да даваат донации во милионски износи за разни непрофитни фондации што таа ги контролирала.
Парк се товари дека и дозволила на Чои да има пристап до службените документи.