Израел треба да го укине системот на зелени пропусници, изјави тамошниот министер за финансии Авигдор Либерман.
Тој го изјави тоа во вторникот, односно на денот кога се регистрирани рекордни 65.259 случаи на коронавирус. Се претпоставува дека тоа се должи на појавата на сојот омикрон.
Зелените пропусници во Израел се еквивалент на пропусниците за ковид што се користат во многу земји во Европа, а нивното воведување доведе до протести во некои земји.
Според „Јерусалим пост“, Либерман зборувал за зелените пропусници неколку часа откако премиерот Нафтали Бенет, министерот за здравство Никан Хоровиц и тој се согласиле да дистрибуираат повеќе од 25 милиони бесплатни домашни антигенски тестови за коронавирус на сите граѓани.
„Нема медицинска или епидемиолошка логика за постоење зелени пропусници, се согласуваат многу експерти“, напиша Либерман на Твитер.
„Она што постои е директна штета на економијата и секојдневното функционирање, а зелените пропусници во исто време значително придонесуваат за ширење паника меѓу луѓето. Работам со сите страни да ги елиминираме зелените пропусници и да ја зачуваме нормалната животна рутина на сите нас”, додаде тој.
Според сегашните правила, зелена пропусница во Израел можат да добијат само вакцинирани граѓани, оние кои прележале Ковид 19 или оние кои биле тестирани претходниот ден (во некои случаи тестот важи 72 часа), а без пропусниците не е возможно да се пристапи до голем број области, во некои случаи и работни места.
„Јерусалим пост“ оценува дека доколку се донесе оваа одлука, тоа ќе биде една од најдрастичните промени во стратегијата на Израел досега во борбата против пандемијата на коронавирус.