Речиси десет години по нејзиното откривање, астрономите утврдија дека ѕвездата позната под името УС 708 се движи со неверојатна брзина.
Сите досегашни податоци укажуваат на тоа дека мистериозната УС 708 е „најбрзата“ ѕвезда, ако не и најбрзиот објект во Галаксијата.
УС 708 се движи со брзина од дури 1.200 километри во секунда или 4,3 милиони километри на час. Тоа е доволно брзо астрономите да заклучат дека ѕвездата за околу 25 милиони години во целост ќе избега од силата на гравитацијата на Млечниот пат.
– Ако би се движеле со оваа брзина, од Земјата до Месечината би дошле за само пет минути, изјави Јуџин Магниер, астроном од Универзитетот во Хаваи и еден од истражувачите кои го открија несекојдневното својство на оваа ѕвезда.
УС 708 е откриена во 2005 година, а во текот на последните неколку години Магниер со своите колеги, користејќи ги телескопите „Кик 2“ и „Пан-Старс 1“, успеале да ја пресметаат нејзината брзина и насоката на движење.
УС 708 многу одамна била црвен џин што кружел околу масивното бело џуџе правејќи бинарен систем на ѕвезди.
Белото џуџе го голтнало речиси целото нејзино количество на хелиум, а потоа експлодирало во супернова. Токму таа детонација е веројатна причина што на ѕвездата УС 708 и дало забрзувања и како со стрела ја испратило во неповрат.