Италија денеска се збогува со поранешниот премиер Силвио Берлускони на државен погреб на кој се очекуваат илјадници луѓе, меѓу кои и врвни политичари од Апенинскиот полуостров и неколку странски претставници, а во земјата е прогласен и ден на жалост.
Официјалниот погреб на 86-годишниот милијардер, кој почина во понеделникот од леукемија, ќе започне во 15:00 часот во катедралата во Милано. Церемонијата треба да се емитува на големи екрани кои ќе бидат поставени на плоштадот и пред катедралата за да можат оние кои не можат да влезат да ја следат церемонијата.
Присутни ќе бидат претседателот Серџо Матарела, премиерот Џорџија Мелони и двајцата вицепремиери Матео Салвини и Антонио Тајани – број два на неговата партија Напред Италија. Европската комисија ќе ја претставува нејзиниот економски комесар, Италијанецот Паоло Џентилони, поранешен италијански премиер.
„Планиран е државен погреб и тоа е во ред, но националната жалост за личност која предизвикува поделби како Силвио Берлускони ми се чини несоодветен избор“, рече Рози Бинди, поранешна левичарска министерка во владата на Романо Проди (2006-2008).
Берлускони, милијардер склон кон скандали, доминираше во италијанската политика, бизнис и фудбал најмалку три децении. Покрај тоа што четири пати беше премиер на Италија, тој поседуваше деловна империја вклучувајќи ја медиумската групација MFE и фудбалските клубови Милан од 1986 до 2017 година и Монца од 2018 година.