Данска е земја на најсреќните луѓе во светот, покажува истражувањето на група независни експерти, собрани во организација на ОН.
Со истражувањето биле опфатени 156 земји од сите страни на свеот, а како фактори кои го определувале рејтингот на секоја од земјите, биле користени бруто националниот производ, приходите по глава на жител, здравствениот систем и здравјето на луѓето, просечниот животен век, животното искуство, довербата, како и слободата на животен избор.
Според овие параметри, Данска е уверливо прва, што ги прави Данците да бидат најсреќните луѓе на планетата.
„Ние Данците, не мора да се грижиме. Ако за нешто се грижиме тоа е за времето- дали ќе врне, дали е студено и дали е сиво небото„- им изјавил на истражувачите на ОН, данскиот социолог Кнуд Кристесен.
Според неговото мислење, Данците се среќни со она што го имаат.
Данска е третата скандинавска држава, која е избрана за земја на најсреќни луѓе, во досегашните четири избори.
Зад неа оваа година следуваат Швајцарија и Исланд, па Норвешка, Финска и Канада, Холандија, Нов Зеланд и Австралија. Во првите 15 рангирани држави на среќни луѓе, се десетата Шведска, па Израел и Австрија. САД се на 13 место, додека Костарика и Порторико го заклучуваат списокот на групата најсреќни држави.
На дното од оваа листа, рангирана како 156-та е источноафриканската држава Бурунди, за чии жители се вели дека се најнесреќните во светот.
Во групата на десете држави со најмалку среќни луѓе се Сирија и Авганистан, па Руанда, Бенин и Либерија.
Во екипата на истражувачите за ова истражување, што првпат беше организирано во 2012 година, се наоѓа и специјалниот советник на генералниот секретар на ОН, економскиот експерт Џефри Сакс.
Ова истражување е направено во чест на 20 март, меѓународниот ден на среќата.