Пратеничката во Европскиот парламент од Шведска од редовите на Европската народна партија (ЕПП) и сопруга на поранешниот шведски министер за надворешни работи, Карл Билт, Ана Марија Кораца Билт, во колумна објавена во „Политико Европа“ бара од нејзината политичка групација да преземе мерки против унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Кораца Билт оценува дека контроверзниот унгарски премиер ги преминал границите и ги повикува лидерите на ЕПП да „разјаснат каде стојат во однос на Фидес“, партијата на Орбан, пред наредниот конгрес на партијата во ноември во Хелсинки.
– Што е многу, многу е. Многу европски граѓани се прашуваат каде стои ЕПП. Не можеме повеќе да си дозволиме да ги минимизираме политичките случувања во Унгарија. Мора нашата внатрешна дебата да стане јавна и да се одлучиме на што сме. Најголемата опасност за нашата партија е нападот врз нашите вредности, а не последиците од нашата одлука да ги браниме, пишува европратеничката.
Кораца Билт исто така е и потпретседателка на Комисијата за родова еднаквост при ЕПП.
Меѓу одлуките на Владата на Орбан, кои ги смета за напад врз вредностите на нејзината политичка група, таа ги наведува на мерките на во делот на миграциската политика: криминализацијата на хуманитарците кои им помагаат на мигрантите и одбивањето Унгарија да биде дел од солидарните механизми за прераспределба на азилантите во ЕУ. Според неа, Орбан ја кочи можноста Европската унија да ја реформира и да создаде вистинска заедничка европска политика на азил.
– Во јуни, Фидес воведе уставна реформа со која станува нелегално „странско население“ да се етаблира во Унгарија. Со тоа се уништи секакво потенцијално ЕУ решение за миграцијата, пишува таа и додава дека „ЕПП верува оти миграцијата е европско прашање кое бара европско решение“ и дека партијата ги споделува клучните принципи на европската солидарност.
Кораца Билт ги критикува и нападите на Фидес врз академснките слободи, алудирајќи на ограничувањата воведени кон Централноевропски универзитет на Џорџ Сорос во Будимпешта, како и анти-ЕУ кампањите на Влада на Орбан.
Европратеничката смета дека ЕПП треба да биде загрижена и за поддршката што Орбан му ја дава на рускиот претседател Владимир Путин и неговите повици да им се стави крај на санкциите на ЕУ кон Москва.
Членството на партијата Фидес во ЕПП одамна претставува трн во окото на најголемата парламентарна група во Европскиот парламент и нејзините политики редовно предизвикуваат остри дебати во јавноста, но и зад затворени врати. Сепак, извори во ЕПП редовно објаснуваат дека речиси не постојат шанси да се преземат мерки против Орбан непосредно пред европските избори во 2019 година.