Владата на Исланд подготвува забрана на порнографија во медиумите и преку интернет со цел да ги заштити децата од насилните сексуални содржини, што наиде на неодобрување во земјата.
Противниците на предлогот на министерот за внатрешни работи Огмудур Јанасон наведуваат дека со тоа ќе се воведе цензура на интернет, ќе се охрабрат авторитарните режими и ќе се поткопа угледот на Исланд како скандинавско упориште на слободата на говорот.
Приврзаниците на забраната истакнуваат дека таа е разумна и оти ќе ги заштити децата.
– Кога 12-годишно дете ќе напише „порно“ на Гугл нема да најде слики од голи жени туку тврдокорно и брутално насилство, истакна Хала Гунарсдотир, политички советник на Јанасон.
Таа посочи дека предлогот на кој работаат експерти нема да значи воведување на нови рестрикции, туку поддршка на веќе постоечкиот закон, кој не е јасно формулиран.
Порнографијата е забранета на Исланд, но изразот не е точно дефиниран, па законот не се спроведува. Списанијата „Плејбој“ и „Пентхаус“ се продаваат во книжарниците, а експлицитните порно магазини можат да се купат во секс шоповите.