Ирскиот премиер Лео Варадкар денеска допатува во Белфаст во прва службена посета на Северна Ирска.
Во текот на престојот во покраината, Врадкар ќе одржи предавање во Квинс Универзитетот во Белфаст за идните односи меѓу Северот и Југот на Ирска, а ќе има средба и со лидерите на сите северноирски партии.
Посетата на ирскиот премиер доаѓа во време на затегнати односи со Демократската унионистичка партија (ДУП), која треба да ја предводи колаициската северноирска влада заедно со републиканците од Шин Феин.
ДУП, која постигна договор со конзервативците на Тереза Меј да и дава парламентарна подршка во Вестминстер на нејзината малцинска Влада, го обвини Варадкар за неговата „мегафонска дипломатија“ против Брегзит.
Според раководството на ДУП, сосема е „некорисно“ да се обвинуваат гласачите кои се определија за напуштање на ЕУ за обновата на границата меѓу Република Ирска и Северна Ирска.
Претходно, ирскиот премиер понуди предлог на официјален Даблин за границата меѓу Ирска и Велика Британија по Брегзит, според кој, наместо копнена линија би било најдобро двете земји да имаат само поморска граница на Ирското Море.
Даблин не верува дека е можно да се најде решение за границата меѓу двата дела на ирскиот остров.
Официјален Лондон постојано уверува дека ќе се најде „најдоброто решение“, но сегашниот ирски премиер, како и неговиот претходник Енда Кени, не веруваат дека Велика Британија, на која и припаѓа Северна Ирска, ќе може да излезе од ЕУ, а меѓу двете соседни земји да остане сегашната ситуација да нема гранична линија.
Во текот на утрешниот ден, Варадкар ќе учествува на свечаностите по повод Парадата на городста во Белфаст. Лео Варадкар е првиот ирски премиер, кој не крие дека е хомосексуалец.