Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, денес изјави дека Иран е подготвен да ги запре нападите врз Израел ако Тел Авив ја заврши својата офанзива против Техеран.
Зборувајќи пред странските амбасадори во Техеран, Арагчи нагласи дека војната му е наметната на Иран и дека Техеран нема друг избор освен да одговори.
„Нашата одбрана е целосно легитимна и ќе биде спроведена решително, единствено како одговор на агресијата. Ако нападите престанат, ќе запрат и иранските одмазди“, рече тој.
Тензиите меѓу Иран и Израел нагло ескалираа по координираните израелски воздушни напади врз повеќе локации во Техеран во петокот, вклучувајќи воени и нуклеарни објекти, што го натера Иран да возврати неколку часа подоцна.
Синоќа, Иран го започна вториот бран од операцијата „Вистинско ветување III“, насочена првенствено кон економски и индустриски цели во израелскиот пристанишен град Хаифа. Паралелно, израелските напади го погодија иранското Министерство за одбрана и објектите за складирање нафта во Техеран.
Иран објави дека 78 лица загинале на првиот ден од израелскиот напад, додека десетици, вклучувајќи деца, биле убиени на вториот ден.
Овој бран на насилство доведе до прекин на индиректните нуклеарни разговори меѓу Иран и САД, кои беа посредувани од Оман. Шестата рунда преговори требаше да се одржи во недела во Мускат.
Арагчи рече дека „агресијата“ на Израел не би била можна без координацијата и поддршката на САД, истакнувајќи го ова како клучна причина за прекинување на преговорите.
Тој рече дека Иран има цврсти и убедливи докази дека американските сили и воените бази во регионот ги поддржуваат израелските напади.
Министерот се осврна и на изјавите на сегашниот американски претседател, Доналд Трамп, кој рече дека нападите „не можат да се случат без американска опрема“ и ги најави „следните фази“, наведувајќи го ова како дополнителен доказ за американска вмешаност.
Во врска со негирањата на САД за вмешаност во израелскиот напад врз иранскиот нуклеарен објект Натанз во покраината Исфахан, Арагчи рече дека Иран не ги прифаќа таквите негирања поради контрадикторни докази.
„Ако САД навистина не се вклучени, мора јасно и јавно да го осудат тоа“, рече тој, нагласувајќи дека приватните пораки не се доволни. Тој, исто така, ја повика меѓународната заедница да ги признае кршењата на меѓународното право од страна на Израел.
Арагчи го обвини Израел за систематско саботирање на нуклеарните преговори, потсетувајќи на саботажата во 2020 година на објектот за збогатување ураниум во Натанз за време на разговорите во Виена за обновување на нуклеарниот договор од 2015 година. Потоа Иран одговори со зголемување на збогатувањето ураниум на 60 проценти и замена на оштетените центрифуги со понапредни модели.
Министерот рече дека, и покрај провокациите, Иран влегол во преговорите со САД со добра намера, одржал пет рунди разговори и подготвил контрапредлог со цел да се приближи до договор.
Сепак, тој повтори дека Израел останува против каков било нуклеарен договор и активно работи на попречување на дипломатијата.
Арагчи рече дека Иран официјално побарал од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) да свика итна седница за да се разговара за најновиот напад на Израел врз Натанц, нарекувајќи го тоа црвена линија на меѓународното право што Израел сега ја преминал.