Ирачките безбедносни сили убиле најмалку девет, и раниле 39 демонстранти за време на вчерашните протести на илјадници граѓани во Багдад и јужниот град Диванија, соопшти ирачката Влада и претставници на невладина комисија за човекови права.
За време на протестите против лошата економска состојба, невработеноста и корупцијата. кои влегоа во петтиот ден, демонстрантите палеле и канцеларии на политички партии.
Протестите во Багдад вчера ескалираа кога демонстрантите се собраа на плоштадот Тахрир и покрај забраната на власите, по што безбедносните сили почнаа да пукаат со борбена муниција и пуштиле солзавец кон нив.
Според безбедносни и здравствени службеници, тогаш загинале четворица демонстранти, по што демонстрантите почнале да бегаат. При бегањето од плоштадот биле убиени уште најмалку три лица.
Подоцна, илјадници демонстранти излегоа на улиците во јужните градови Насирија и Диванија, исто така игнорирајќи ги полициските забрани за собирање.
Во Диванија е убиен најмалку еден демонстрант во момент кога учесниците на протестот почнале да се приближуваат до просториите на локалните власти.
Во Насирија демонстрантите запалиле канцелариите на три политички партии и еден пратеник, на што безбедносните сили одговориле со огнено оружје, и засега нема податоци за жртви во тој град.
Уште еден демонстрант е убиен во јужен кварт на Багдад, Зафание, соопшти полицијата и здравствените служби.
За време на демонстрациите во Багдад приведени се најмалку 39 лица, а светските агенции јавуваат дека за пет дена во Ирак загинале 73 лица.