На авионот на индонезиската компанија „Лајон ер“, кој минатата недела се урна во Јаванското Море, ден пред несреќата му бил заменет клучен сензор, соопшти денеска индонезискиот Национален комитет за безбедност во сообраќајот.
Во соопштението се наведува дека сензорот бил предмет на безбедносниот извештај на компанијата „Боинг“ која го произвела леталото, а кој на авиокомпанијата и бил доставен во вторникот.
„Боинг“ наведува дека во тој извештај се повторени насоките за тоа како пилотите би требало да одговорат на погрешни податоци од сензорот, откако авионот на „Лајон ер“ се урна на 29 октомври со 189 патници и членови на екипажот.
Станува збор за сензор кој регистрира податоци за аголот на „клунот“ на авионот поврзани со воздухот за да се пречи задушување на моторот или нагло спуштање на авионот, објаснува американската агенција.
Соерџанто Џахџоно, претседател на Комитетот за безбедност во сообраќајот, денеска рече дека, покрај прашањето на сезорот со анализа на снимачот на податоци за летот, утврдено е дека постоеле проблеми со индикаторот на брзината на движење на воздухот за време на последните четири летови на авионот.
Првите два обиди на „Лајон ер“ да го реши проблемот со индикаторот за брзина на воздухот не успеале, па пред претпоследниот лет се заменети сензорите за агол.
На тој лет, од Бали до Џакарта, двата сензори не се совпаднале па авионот, неколку минути по полетувањето, одеднаш нагло се спуштил, но пилотите успеале да го вратат на адекватна висина, иако до Џакарта со авионот управувле на пониска висина од вообичаено.
Врз основа на тој, претпоследен лет на авионот, кој бил на 28 октомври, индонезиските иследници соопштија дека му доставиле препораки на „Боинг“ за да ги дистрибуира до авиокомпаниите ширум светот за тоа како да се постапи во таква ситуација.
Меѓутоа, „Боинг“ денеска соопшти дека авиокомпаниите ги насочил на „постоечките“ процедури кои екипажот треба да ги примени за да се решат проблемите поврзани со тоа.
„Боинг“ наведе дека продолжува да соработува со индонезиските иследници.
Индонезиската агенција за потрага и спасување и денеска ја продолжи потрагата по остатоците од авионот и тела на загинати.