Силите за безбедност преземаа контрола врз затворот во западниот дел на Индонезија, каде за време на насилниот бунт загинаа најмалку пет лица, а стотици затвореници се во бегство.
Околу 500 полицајци и 300 војници се распоредени во затворот „Танџунг густа“ во главниот град на Северна Суматра, Медан.
– Ситуацијата е целосно под контрола откако војниците влегоа во затворот без отпор, изјави портпаролот на затворската управа Акбар Хади.
Најмалку 150 затвореници, меѓукои и осуденици за тероризам, се во бегство во градот Медан на индонезискиот остров Суматра.
– Затворениците беа вознемирени поради немањето електрична енергија и проблеми со водата, што многу често се случува во затворот. Според раководителите на затворот најпрво подметнале пожар, изјави Херу Пракосо, портпарол на покраинската полиција Северна Суматра.
Затворот „Танџунг Густа“ е познат по проблемот со пренатрупаност со тоа што во него се сместени 2.400 затвореници, иако неговиот официјален капацитет изнесува 400 осуденици.