Шефот на Националната полиција на Индонезија, генералот Сутарман одржа состанок со полициските функционери од висок и среден ранг, при што им соопшти дека тие и целата полиција мора да останат неутрални во предизборната кампања и изборите за нов претседател на Индонезија, закажани за 9 јули.
Состанокот, оддржан во Џакарта, доаѓа само еден ден откако актуелниот претседател Сусило Бамбанг Јудихјоно изјави дека не мал број генерали од армијата и полицијата „си дозволиле да бидат под влијание на политичарите ’’.
Пред да го соопшти ова, претседателот Јудихјоно издејствува одлука на Уставниот суд на Индонезија, со која се забранува учество на припадниците на армијата и полицијата во секојдневната политика, а ги исклучи од гласачкото тело.
Во првите реакции, објавени во медиумите, полициските генерали изјавија дека пораката на претседателот повеќе ја сметаат како упатство за нивното однесување, но претседателскиот Кабинет тврди дека има повеќе сознанија за недозволена соработка на генералите со претседателските кандидати.
На мета на медиумите особено се најде генералот Буди Гунаван, кој од 2001 до 2004 година беше аѓутант на тогашната претседателка Мегавати Сукарнопутри, а кој „од непознат извор“ добил околу осум милиони долари. Генералот Гунаван сега е началник на Центарот за образование на индонезиската полиција.