Кинескиот технолошки гигант Хуавеј ја обвини американската администрација дека ги користи „сите алатки кои и се на располагање“ за да предизвика нарушување на нивното работење, по известувањата на американските медиуми дека против таа компанија е почната истрага поради сомнение за кражба на патенти.
„САД незаконски задржуваа наши вработени, изведуваат кибер напади за да се инфилтрираат во интерните информатички системи на Хуавеј и испраќаат припадници на ФБИ во домовите на нашите работници за да им извршат притисок и од нив да соберат информации“, се наведува во соопштение од кинеската фирма, пренесува Хина.
“Силно ги осудуваме злонамерните, координирани настојувања на американската Влада да го дискредитира Хуавеј и да ја ограничи неговата водечка позиција во секторот“, се наведува во соопштението од гигантот, но не посочуваат докази со кои би се поткрепиле обвинувањата.
Соопштението од Хуавеј е реакција на написот во американскиот весник „Волстрит џурнал“, во кој се посочува дека американското министерство за правда почнало истрага против кинеската фирма поради сомнение дека украла патенти за фотоапарати за паметни телефони.
Во кинеската компанијата ги негираат обвинувањата.
Вашингтон го обвинува Хуавеј за шпионажа во корист на Пекинг и оваа година го стави на трговската црна листа, забранувајќи им на домашните компании да соработуваат со таа кинеска фирма. Воедно, тие бараат од сојузниците да го исклучат Хуавеј од јавните набавки поврзани со воспоставување мобилни мрежи за новата генерација 5Г. Хувеј демантира и тврди дека е независен од властите во Пекинг.