Организацијата „Хјуман рајтс воч“ денеска соопшти дека непријателски расположените вооружени милиции во Либија летово употребувале противпешадиски мини во нивните обиди да се стекнат со контрола врз главниот град Триполи, пренесоа американските медиуми.
Меѓународната организација за заштита на човековите права ги повика сите либиски групи да се воздржат од употребата на ова опасно оружје и притоа ја повика групата „Либиска зора“, поврзана со исламските политички фракции, да се ослободи од својот арсенал од противпешадиски мини.
По летните жестоки борби со милициите од планинскиот град Зинтан, групата „Либиска зора“ во моментов го контролира Триполи.
Во својот извештај „Хјуман рајтс воч“ забележува дека не може точно да утврди која либиска група ги употребила мините.
Организацијата, повикувајќи се на телевизиски репортажи на катарската „Ал Џазира“, потврди дека во септември борци на „Либиска зора“ расчистувале мини од аеродромот во Триполи, местото кое беше во центарот на најжестоките борби.