Гвинеја денеска ги затвори границите кон Либерија и Сиера Леоне, во напорите да го спречи ширењето на еболата, која досега го однесе животот на речиси 1.000 лица во овие три држави.
Во Гвинеја од март, кога се појави епидемијата на ебола, од оваа болест умреле најмалку 367 лица, а 18 заболени се изолирани.
Одлуката за затворање на границите е донесена, пред се, за да се спречи заразените да минат во Гвинеја, соопштија властите во Конакри.
-Привремено ја затворивме границата меѓу Гвинеја и Сиера Леоне, пред се, заради сите тие вести што неодамна пристигнаа од таму, изјави на прес конференција гвинејскиот министер за здравство Реми Лама.
Тој додаде дека е затворена и границата кон Либерија.
Министерот за меѓународна соработка Мустафа Кутуб Сано изјави дека одлуката била донесена во консултации со двата соседа.