Генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш денеска со хеликоптер ја обиколи границата помеѓу Израел и Газа, набљудувајќи ја од воздух ситуацијата во тој нестабилен регион.
Гутереш беше придружуван од израелскиот амбасадор во ОН, Дани Данон и заменик шефот на Генералштабот на израелската армија Авив Кохави.
Данон го запозна Гутереш дека властите во Газа, кои се од редовите на Хамас, ја користат хуманитарната помош за да копаат тунели поради нападите од Израел.
– Наместо да работат на обезбедување подобра иднина за децата, Хамас го претвори населението во Газа во заложници, посочи Данон.
Тоа е прва посета на Гутереш на регионот откако ја презеде функцијата генерален секретар на ОН. Неговите средби со израелските и палестинските лидери се со цел продолжување на мировните преговори.