Група, поврзана со „Исламска држава“, ја презеде одговорноста за денешниот напад во Пакистан врз автобус, со кој патувале припадници на шиитско малцинство, при што загинаа повеќе од 40 лица.
Портпарол на организацијата „Џундалах“ (Воини на Алах) изјави за локални медиуми дека нападите врз „безбожниците“ ќе продолжат, пренесува БТА.
„Џундалах“ се отцепи минатата година од движењето на пакистанските талибанци, нагласувајќи дека останува лојална на ИД.
– Исмаилитите не се муслимани, се наведува во соопштението на групата. Екстремистите се закануваат дека наскоро ќе има нови напади против „исмаилити, шиити и христијани“.
Вооружени мажи на мотоцикли опколиле и отвориле оган врз автобус во Карачи, со кој се превезувале околу 60 шиитски муслимани, а според последните информации убиени се 47 луѓе, од кои 18 жени.
Исмаилитите се втора шиитска заедница по бројност во светот. Во Пакистан, Индија и Бангладеш тие се околу еден милион.