Google го послуша Трамп: езерото Отарио го преименува во Америка

Од:

Корисниците на Google Maps во САД од овој викенд наместо Lake Ontario (езеро Онтарио) гледаат ново име – „Lake America“ (Езеро Америка), откако американскиот претседател Доналд Трамп нареди промена на официјалниот американски назив.

Трамп ја потпиша извршната наредба на 27 август, во период на нови тензии меѓу САД и Канада, дополнително разгорени од трговскиот спор меѓу двете земји.

Американскиот Geographic Names Information System (GNIS) потоа официјално го промени називот од Lake Ontario во Lake America, по што Google Maps го усогласи приказот на своите карти.

Од Google соопштија дека мапите ги ажурираат според промените на имињата во официјалните државни извори. Во случајот со САД, таков извор е GNIS.

Но, во Канада езерото останува Lake Ontario.

Корисниците во Канада и понатаму ќе го гледаат стариот назив, додека во други делови од светот Google Maps ќе ги прикажува двата назива – Lake Ontario, со „Lake America“ во заграда.

Google објаснува дека тоа е нивна долгогодишна политика за географски поими кои имаат различни официјални имиња во различни држави.

Промената ја поздравија и функционери од администрацијата на Трамп. Директорот за комуникации на Белата куќа, Стивен Чунг, на социјалните мрежи напиша:

„Официјално е! LAKE AMERICA на Google Maps.“

Трамп, пак, сподели напис за промената на името.

Канада: „Засекогаш ќе биде Lake Ontario“

Езерото Онтарио е едно од петте Големи Езера и се протега долж границата меѓу САД и Канада. Со неговите води двете земји управуваат врз основа на договорот за граничните води.

Иако американската администрација може да го промени начинот на кој федералните институции го именуваат езерото, Вашингтон не може да ја обврзе Канада да го прифати новото име.

Канадскиот премиер Марк Карни порача дека Канада „засекогаш“ ќе го нарекува Lake Ontario.

Премиерот на канадската провинција Онтарио, Даг Форд, отиде чекор понатаму. Во саботата постави голем натпис на канадската страна на езерото на кој пишува:

„Lake Ontario – Now and Always“

„Да бидеме јасни: долго пред претседателот Трамп, ова езеро се викаше Lake Ontario. И долго откако претседателот Трамп повеќе нема да биде тука, тоа и понатаму ќе се вика Lake Ontario“, изјави Форд.

Трамп веќе го преименуваше Мексиканскиот Залив

Ова не е првпат Трамп да интервенира во американските официјални географски називи.

На почетокот на својот втор мандат во 2025 година, тој нареди американската федерална влада Мексиканскиот Залив да го нарекува „Gulf of America“ – Американски Залив.

Google Maps и тогаш го промени приказот за корисниците во САД.

Сепак, другите картографски сервиси не се усогласуваат нужно со американската одлука. Apple Maps во неделата попладне сè уште го прикажуваше називот Lake Ontario, додека MapQuest веднаш по Трамповата наредба порача:

„Нема да го менуваме.“

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Трамп објави голем нафтен договор со Венецуела

Премиерот на Канада генијално му одговори на Трамп

ВИДЕО: Откриена вистинската причина за посетата на директорот на ЦИА на Москва

Трамп: Нема место за шеријатот во САД

Трамп конечно проговори за посетата на Ретклиф во Москва

Нетанјаху: Трамп предложи „опсада“ на Иран наместо нова војна