Најголемата воена база во Бенгази, Генералштабот на специјалните сили на либиската армија, по неколкудневни крвави борби падна во рацете на исламистички групи.
Информацијата официјално ја потврдија и претставници на армијата и исламистите.
Сојуз на исламистичките и џихадистички групи, Советот на шурата на револуционерите од Бенгази објави соопштение во кое информира за заземањето на Генералштабот на специјалните сили во Бенгази.
Информацијата ја потврди и воен извор, кој прецизира дека меѓу луѓето што ја зазеле базата има и борци на групата Ансар ал Шарија, која Вашингтон ја прогласи за терористичка организаиција.
– Специјалните сили под раководство на полковникот Ванис Абу Хамада се повлекоа по неколкуте напади – прецизира воениот претставник.
Судирите во Бенгази траат со недели. Само од саботата, па досега, во овие борби загинаа околу 60 лица.
Ова е досега најголема загуба за либиската армија, која уште заздравува по падот на режимот на Моамер Гадафи во 2011 година.
Специјалните сили се една од малкуте редовни армиски единици во Либија. Тие дадоа поддршка на активностите на одметнатиот генерал Халифа Хафтар, меѓутоа не се ставија под негова команда.
Хафтар од 16 мај се бори со исламистите во Бенгази. Иако, многумина го обвинуваат за обид за државен преврат, Хафтар во неговата борба ја има поддршката на некои единици на редовната армија, вклучувајќи ги и единиците на Военото воздухопловство.
Во меѓувреме, тунискиот министер за надворешни работи Монги Хамед најави дека Тунис планира да ја затвори границата со Либија поради безбедносни причини.