Поранешниот либиски генерал Халифа Хафтар синоќа изјави дека неговите борци се подготвени да го ослободат Бенгази од терористичките групи.
Жестоки борби се водат речиси секој ден меѓу безбедносните сили, лојални на генералот Хафтар, и Коалицијата од исламистички милиции, предводена од Мохамед Зехави, лидер на „Аснар аш Шарија“.
Според воени и медицински извори, најмалку 22 лица, од кои повеќето војници, биле убиени во Бенгази во последните 48 часа, во борби или одделни напади.
Генералот Хафтар во мај започна операција под името „Достоинство“ против групите, кои ги смета за „терористи“ во Бенгази.
Досега оваа операција имаше слаб успех. Силите на Хафтар беа протерани од Бенгази, кој беше преземен од исламистите на „Ансар аш Шарија“, која е прогласена за терористичка организација од Вашингтон.
– Ви го пренесувам соопштението од борците во операцијата „Достоинство“, кои тврдат дека се подготвени да го ослободат градот Бенгази, изјави либискиот генерал.
Хафтар, кој е командант на самопрогласената Либиска национална армија, предупреди дека „следните часови и денови ќе бидат тешки“, без да наведе повеќе детали.