Францускиот претседател Франсоа Оланд изјави дека француските сили во Мали влегле во “завршната фаза во битката против милитантите” во северниот дел на земјата. Оланд истакнува дека жестоки борби се водат во реонот на планинскиот масив Ифогас каде што наводно се наоѓаат членови на терористичката група “Ал Каеда во исламски Магреб” (AQIM). Тој, исто така имаше пофални зборови за војниците од Чад, кои се борат токму во тој реон. Од армијата на Чад пак порачуваат дека минатиот петок во борбите загинале 13 нивни војници и околу 65 милитанти.
Властите во Чад ветија дека ќе испратат околу 2.000 војници како дел од африканската мисија во Мали. Францускиот претседател, исто така, истакна дека жестоки судири се водат на север на Мали, во близина на границата со Алжир. “Ова е последната фаза од процесот, бидејќи овде е местото каде што силите на Ал Каеда веројатно се собираат”, рече тој викендов.
Во организацијата на ОН, УНЕСКО, толку се воодушевени од одлуката на францускиот претседател, кој во средината на минатиот месец одлучи воено да интервенира во Мали, што му доделија и награда за мир.
Информациите говорат дека судири се водат околу пограничниот град Тесалит и како се судриле милитантните Исламисти и Туарезите. Туарешката секуларна група МНЛА, според пишувањето на ББЦ, сега ја поддржува француската интервенција против исламистите.
Франција до сега во Мали, откако започна офанзивата на 11 Јануари, испрати околу 4.000 војници. Француските сили се пречекувани со минимален отпор при преземањето на контролата врз стратешките градови Гао, Кидал и Тимбукту.
Во исто време, информациите велат дека наскоро над Мали ќе почнат да летаат американски беспилотни летала – наводно само за да соберат разузнавачки информации. Американските дронови ќе полетаат од новата американска воена база, која во моментов се поставува во соседната држава Нигер, каде што веќе стигнаа околу 100 американски војници.