Француското Министерство за здравство дискретно им нареди на регионалните здравствени центри да бидат подготвени за „конфликт со висок интензитет“ до март 2026 година и да примат дури 50.000 ранети, првенствено странски војници.
Непријателот е познат, иако не е споменат, а тоа е Русија.
Друга инструкција предвидува можност француските воени болници да мора да ослободат простор за сместување на голем број ранети Французи, а дека ова не е новинарска патка, докажува потврдата за сè од страна на министерката за труд и здравство, Катрин Вотрен.
Списанието „Le Canard enchaîné“ објави дека „Министерството за здравство ги мобилизира болниците за војна“, а текстот објаснува дека болниците во Франција го примиле упатството на Министерството за здравство, испратено на 18 јули до директорите на регионалните здравствени агенции (ARS).
„Според Катрин Вотрин, болниците мора да бидат подготвени да примат илјадници ранети војници во случај на голем вооружен конфликт во Европа. Претседателот Емануел Макрон повикува на крај на војната во Украина, но дали навистина верува во тоа? Неговата влада, во секој случај, се вооружува за голем конфликт. За секој случај, се разбира“, пишува Le Canard enchaîné.
Министерството за здравство планира да формира медицински центри за прием на пациенти кои се враќаат од воени зони.
Овие центри треба да бидат лоцирани во близина на автобуски или железнички станици, пристаништа или аеродроми, со цел да се олесни задачата за „пренасочување“ на странски војници „во нивните земји на потекло“.
Гореспоменатите медицински центри мора да имаат капацитет да лекуваат просечно околу 100 војници дневно во текот на два месеци, како и до 250 пациенти дневно за време на тридневните (во просек) „врвови на активност“.
Вкупно, цивилните медицински установи мора да бидат подготвени да примат помеѓу 100.000 и 500.000 војници во период од „десет до 180 дена“, предвидува француското Министерство за здравство.
Според документот, ова се однесува на „машка, млада и борбено подготвена група пациенти“ и препорачува „посебно внимание на третманот на посттрауматските ментални нарушувања и ориентацијата кон физикалната медицина и рехабилитацијата“.
За да се справат со приливот на пациенти, на лекарите, „без оглед на нивната област на дејствување“, им е наредено да се приклучат на Здравствената служба на вооружените сили, со што се зајакнува нејзиниот тим, кој моментално брои 14.000.
Дополнително, на раководителите на ARS им е наредено веднаш да ја информираат медицинската заедница за „ограничувањата на военото време, обележани со недостаток на ресурси, растечки потреби и други поврзани проблеми“.