Француското Министерство за одбрана вчера ги демантираше информациите објавени во некои американски медиуми дека висок француски разузнавач дезертирал и се приклучил кон ќелија на Ал Каеда во Сирија, каде на неколку пати бил цел на американски воздушни напади.
Според американскиот сајт Маклачи, кој се повикува на европски разузнавачки извори, францускиот офицер е највисоко рангиран дезертер кој и се приклучил на Ал Каеда, а коалициските сили во неколку воздушни напади се обидувале да го убијат, но не успеале во намерата.
– По проверките можеме да соопштиме дека информацијата за претпоставени врски меѓу споменатите џихадисти и француските разузнавачки служби е целосно неточна, рече извор од француското Министерство за одбрана.
Според информацијата на Маклачи, посочениот припадник на военото разузнавање, специјалните сили или надворешното разузнавање , преживеал по нападите врз позициите на Фронтот Ан Нусра во Сирија, што е тесно поврзан со Ал Каеда.
Американскиот сајт овој случај го оцени како „дезертирање без преседан на такво ниво“.
Француското Министерство за надворешни работи соопшти дека „нема да ги коментира гласините што се објавуваат во медиумите“.