Харизматичниот претседател на Уругвај, Хосе Мухика официјално ја предаде должноста на својот наследник исто така левичар, Табаре Васкес.
И покрај неговата популарност поради скоромниот начин на живот и борбата против потрошувачкото општество и социјална неправда, 79- годишниот Мухика, според уставот не можеше да се кандидира за втор претседателски мандат.
Во интервју за „ВВС“ тој вели дека е изненаден што луѓето се чудат на неговиот скромен начин на живот.
-Јас само живеам како поголемиот дел од мојот народ, а не како оние што се во помал број. Живеам нормален живот. И италијанските, шпански лидери треба исто така да живеат како нивниот народ, не треба да тежнеат да ги копираат богатите- рече поранешниот левичарски герилец, кој поминал повеќе години во затвор во тек на десничарскиот режим во 1970 -тите и 1980-тите години.
Мухика во тек на својот мандат спроведе бројни важни социјално-економски закони, како што е легализација на истополови бракови, легализација на марихуана и правото на абортус, поради што од функцијата претседател заминува со поволен рејтинг од 65 проценти, со што тој е еден од најпопуларните претседатели на светот.
Инаку тој порача дека со заминување од претседателката должност не значи дека ќе се однесува како пензионер.
-Немам намера да бидам стар пензионер, да седам и пишувам мемоари, нема шанси – заклучи тој.
Е. Г.