И покрај вчера соопштениот став на Европската агенција за лекови (ЕМА) дека вакцината на компанијата АстраЗенека е ефективна и безбедна за употреба, Финска денеска одлучи сепак на неопределено време да ја запре имунизацијата со оваа вакцина.
Финскиот Центар за јавно здравје соопшти дека кај двајца луѓе се јавило згрутчување на крвта откако ја примиле вакцината на АстраЗенека, па како резултат на овие случаи, употребата на вакцината ќе биде запрена „додека не се добијат повеќе информации и не се истражи можната причинско-последична врска“.
Десетици европски земји неделава привремено ја запреа имунизацијата со АстраЗенека, откако се појавија околу 25 случаи на тромбоза кај луѓе што ја примиле, од кои некои завршија со смртен исход. Сепак, повеќето од овие земји соопштија дека ќе продолжат со користењето на вакцината, откако ЕМА вчера соопшти дека таа е безбедна.
Заедно со Финска, и Норвешка и Данска најавија дека нема да продолжат со користење на вакцината.